Скола ги уништи Јапонците и ја одведе Аргентина во четвртфиналето

Аргентина е последниот патник во четвртфиналето на олимпискиот кошаркарски турнир. Актуелниот светски вицешампион го доби директниот дуел против Јапонија со 97-77 и како најдобра третопласирана репрезентација ќе ја чека утре ждрепката за првата нокаут фаза.

На многу полесен начин од предвиденото, Аргентинците го скршија јапонскиот отпор. Уште на стартот дојдоа до +10, а на полувреме водеше со 46-38. Водено од 41-годишниот Скола, „гаучосите“ дојдоа до повеќе од 20 разлика во третиот квартал. Последната четвртина беше формалност, па селекторот Родригез можеше да ги заштеди силите. Финалните дваесет разлика се реален епилог на силите. 

Луис Скола запиша „дабл-дабл“ со 23 поени и 10 скока, а НБА ѕвездата Факундо Кампацо крај своето име запиша 17 поени, 11 асистенции и 7 скокао. Баба со 18 и Ватанабе со 17 поени беа најдобри кај домашната селекција.

Словенија и Шпанија во директен дуел ќе одлучат кој ќе го освои првото место во групата во последното соочување во групната фаза. Нивниот натпревар, кој е соочување на европскиот и светскиот првак се игра со почеток во 10:20 часот. 

Четвртфинале на машкиот кошаркарски турнир ќе играат Франција, Шпанија, Австралија, Соединетите Американски Држави, Словенија, Италија, Аргентија и Германија.