Скандал во Србија: Триесетина кошаркари вмешани во големи „местенки“

Голем скандал ја „тресе“ српската кошарка. Медиумите кај северниот сосед пишуваат за афера во која се вклучени триесетина кошаркари. Сите се вмешани во долгогодишен разработен план за „местење“ натпревари. 

Тие соработувале со претставници на бизнисот со спортско обложување, но уште не е познато за кои компании или организации станува збор. Истрагата е во полн ек, а Кошаркарскиот сојуз на Србија се огласи со официјално соопштените за случајот. 

„Би сакале да ја информираме јавноста дека Кошаркарската федерација на Србија е во постојан контакт со ФИБА и заедно ги решаваме сите дисциплински постапки за инволвираните. Со оглед на тоа што голем дел од постапките се во тек, сè уште не можеме да објавиме имиња и за кои натпревари има сомнеж дека биле нерегуларни. 

Подетални информации околу сите дисциплински постапки ќе објавиме веднаш по завршувањето на истрагата, за да се заштитиме од било какви влијанија и земајќи ја предвид презумпцијата на невиност“, стои во соопштението на Кошаркарската федерација на Србија. 

Дел од медиумите објавија дека јавноста не е премногу шокирана од овие информации, поради слични скандали кои се случуваа и во блиското минато. Останува да го почекаме епилогот од истрагата за која челниците на КФС Србија изјавија дека е “длабока и опсежна“.