Скандал во ЛШ: Имаа само пет играчи, двајца се повредија, па загубија службено!

Екипата на Трапани Шарк доживеа вистински колапс во плеј-ин натпреварот од ФИБА Лигата на шампионите, откако беше принудена да го предаде дуелот против Хапоел Холон уште во првата четвртина. Италијанскиот тим настапи со само пет кошаркари и по неколку минути игра повеќе не беше во можност да го продолжи натпреварот, кој беше прекинат при резултат 38-5.

Трапани влезе во мечот со минимален можен ростер, но ситуацијата брзо излезе од контрола. По само пет минути игра, Рикардо Розато, Алесандро Капалети и Фабрицио Пуљати мораа да го напуштат теренот поради повреди и исцрпеност, оставајќи го тимот со само двајца активни кошаркари. Кратко потоа, и младиот Луиџи Пати заработи пет лични грешки, што доведе до целосен прекин на натпреварот на три минути пред крајот на првата четвртина. Според правилата, Хапоел Холон беше прогласен за победник.

Во овој несекојдневен натпревар за Трапани настапија Капалети, Мартинели, Розато, Пуљати и Пати, при што посебно внимание привлече фактот дека Пати (роден 2007) и Мартинели (роден 2008) ги запишаа своите први професионални настапи во исклучително тешки околности.

Дополнителен проблем за италијанскиот клуб претставува и можната санкција, бидејќи правилникот на ФИБА Лигата на шампионите предвидува дисциплинска или парична казна за екипи што започнуваат натпревар со помалку од десет кошаркари. Кризата во Трапани не завршува тука. И во домашното првенство состојбата е алармантна, викендов беше откажан и натпреварот против Виртус Болоња, кој службено беше регистриран со 20-0 во корист на противникот.

Колапсот на ростерот е директна последица на серија повреди, заминувања на играчи и сериозна финансиска криза, што го доведе клубот во една од најтешките ситуации во својата историја.