Скандал со лажни пасоши: Барса ги сака трофеите на Реал од 2015 година!

Скандалот со екс-кошаркарот на Реал Мадрид, Маркус Слотер, добива нови димензии во Шпанија. Откако беше објавено дека Американецот играл со фалсификуван пасош на Екваторијална Гвинеја, обвинителството покрена постапка против него, а доколку биде докажана вина, на Слотер му се заканува 16-месечна затворска казна. 

Дополнителни проблеми за Реал создава и најголемиот ривал, Барселона, која поднесе жалба до Шпанската кошаркарска федерација и бара да ѝ биде доделен трофејот од Купот на Кралот од 2015 година. Не е познато каква би била одлуката по ова прашање, но случајот е многу сериозен и обвинителството во актот вклучи уште еден кошаркар, кој го сторил истиот прекршок, а тоа е Енди Панко, кој настапуваше за Хувентуд. 

Голем дел од клубовите го поддржаа револтот на Барселона и бараат на Реал да му бидат одземени сите трофеи од периодот кога Слотер играл за „кралскиот клуб“, но шансите за такво нешто веројатно се многу мали. Во секој случај, следува долга правна процедура во која сигурно „ќе се отворат сите карти“ и јавноста наскоро ќе дознае повеќе за епилогот.