Сѐ е спремно за Купот: МЗТ го брани трофејот од „гладните“ Работнички и Блокотехна!

Град Гевгелија ќе биде домаќин на кошаркарскиот Куп на Македонија во машка и женска конкуренција, а на прес-конференција, клубовите ги кажаа своите очекувања за претстојниот настап во клупското натпреварување.

Домаќини на турнирот се Кожув и Блокотехна. Блокотехна во првата рунда ќе игра против АВ Охрид, а тренерот Марјан Илиевски вели дека ќе му биде чест што во кошаркарски град како Гевгелија ќе игра пред домашната публика.

„Гевгелија е кошаркарски град. Овој град заслужува вакви мечеви. Ќе биде тешко, но сакаме да го освоиме Купот. Иако против нас има екипа која има доста промени во играчкиот ростер, ние ќе играме максимално за да победиме. Сакаме да е ова кошаркарски празник“, изјави Илиевски.

Во име на тимот од Блокотехна зборуваше и Горан Главчев.

„Некои велат дека сме имале среќа во ждрепката, но јас не се согласувам со тоа. Заслужено сме таму кадешто сме. Во Купот нема фаворити. Често пати знаел мотивот и инспирацијата во даден момент да биде пред квалитетот. Им посакувам среќа на екипите“, изјави Главчев

Работнички е првак во лигата, но лани не успеа да го грабне трофејот и во финалето загуби од МЗТ. Оваа година, центарци ќе се обидат да дојдат до првото место, потврди Игор Михајловски, еден од членовите на стручниот штаб на центарци.

„Куманово покажа дека е незгоден противник, играат агресивна кошарка и е тим составен од младост и искуство. Овој натпревар се игра на неутрален терен, шансите се 50/50 за полуфинале. Мора да покажеме респект. Работнички има проблеми со повредите, еден од најдобрите играчи Кире Николовски нема да игра поради повреда, исто и Ѓорѓи Чековски, кој се врати по долгомесечна пауза. Но, Работнички како шампион во лигата има обврска да го даде најдоброто од себе на овој Куп“, изјави Михајловски.

МЗТ Скопје, пак, е бранител на круната. Ѓорѓи Кочов вели дека оваа година мора да се внимава и дека никој не смее да гледа на аеродромци како фаворити. Воедно, тој не жали што е можно „вечно дерби“ со Работнички во полуфиналето и потенцира дека прво треба да се прескокне првата пречка Кожув.

„Ние како МЗТ имаме обврска да победуваме на секој меч. Но, сите екипи кои се најдоа тука се квалитетни. Би сакал да побарам една добра игра од мојот тим, па нека победи подобриот. Што се однесува до распоредот и полуфиналето, Работнички е далеку, за да се стигне треба да го поминеме Кожув кој е домаќин и се засилија. Првата пречка е Кожув. Не жалиме што евентуално „вечно дерби“ е во полуфинале, за да победиш мора да ги победиш сите. За нас нема никакво значење“, изјави Кочов.

Слично размислува и Дамјан Стојановски од МЗТ Скопје, кој вели дека фаворити во Купот не постојат.

„Купот е чудно натпреварување, многу зависи од мотивот на играчите. Ќе се соочиме со тим кој има доста промени, нов тренер и нови играчи. Ние ќе почнеме како што знаеме, па ќе видиме што ќе биде“, изјави Стојановски.

Кожув потајно се надева на изненадување против МЗТ Скопје, вели тренерот Александар Јончевски.

„Верувам дека овој Куп ќе биде одлично организиран. Бевме сведоци на последниот настап на националниот тим. Не чека натпревар со МЗТ, имавме големи промени во ростерот. Потајно посакуваме да направиме изненадување“, изјави Јончевски.

Еден од најискусните играчи во таборот на Кожув е капитенот Апостоли Апостолов.

„Кожув по пауза од една година пак е во Купот. Нема фаворити тука. Играме пред наши навивачи, се надевам дека ќе успееме да го изненадиме МЗТ и да ја израдуваме нашата публика“, изјави Апостолов.

Гостивар се очекува да биде најпријатно изненадување во Купот на Македонија, поради одличните игри во домашното првенство сезонава. Но, Марјан Србиновски не се залетува и вели дека ќе се оди чекор по чекор.

„Купот е специфичен, не секогаш победува фаворитот. Не очекува дуел со Фени Индустри, екипа која е повеќе сезони заедно. Наше е да излеземе на терен и да се обидеме со нашиот максимум да дојдеме до посакуван резултат“, изјави Србиновски.

Диме Тасовски е главен адут на Гостивар во борбата за изненадување во Купот на Македонија. Прв противник ќе биде Фени Индустри од Кавадарци. 

„Би сакал да им посакам среќа на сите учесници. За мечот со Фени Индустри, го анализиравме ривалот. Сакаме полуфинале, ние гарантираме голема борба, а кој ќе победи - ќе видиме“, дециден е некогашниот репрезентативец.

Од Фени Индустри, тренерот Љупчо Малинков истакна дека првиот натпревар е најтежок и дека целиот фокус е вперен кон Гостивар.

„Како што кажа и Србиновски, првиот натпревар е најтежок. Се надевам дека тактички и психички ќе издржиме. Имаме релативно подмладен тим“, изјави Малинков.

Јане Петровски е еден од лидерите на Фени Индустри во лигата, но во Купот се влегува со повисоки амбиции и простор за изненадување.

„Во Куп-мечевите одлучува мотивацијата. Работнички и МЗТ отскокнуваат од останатите учесници, но секогаш постои простор за изненадување. Фени секогаш има високи амбиции, прво го ставаме фокусот на мечот со Гостивар, којшто во последните неколку дена доби засилувања. Меѓутоа, сметам дека нашата екипа има свои адути во мечот. Очекувам коректна борба, голема посетеност и ова да биде еден празник за кошаркатата“, изјави Петровски.

Куп-мечевите почнуваат в петок, а првиот натпревар го играат Блокотехна и Охрид со почеток од 13:00 часот.