„Сити Парк Бојс“ обвинуваат: Виновници нема, некој упорно го саботира формирањето на нова управа!

Ситуацијата во таборот на кошаркарскиот клуб Работнички не е сјајна. Moжеби тимот бележи позитивни резултати во новата сезона во Првата лига на Македонија, но на финансиски и организациски план клубот е во голема криза. Барем така тврди навивачката група „Сити Парк Бојс“.

Имено, најверните фанови на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив обвинуваат дека некој упорно го саботира формирањето на новата управа, а кошаркарите и стручниот штаб веќе подолго време немале земено плата.

„Виновници нема, никој не е крив затоа што стручниот штаб и кошаркарите си ги бараат крваво заработените плати. Повеќе од една година нема управен одбор, односно управа. Некој упорно го саботира формирањето на нова управа“, стои во објавата на фановите на Работнички.

Работнички по седум одиграни кола во домашниот шампионат има два порази и пет победи, додека во АБА2 лигата досега забележа четири порази.