Синот на легендарниот „Адмирал“ потпиша за црногорски Морнар

Синот на славниот американски кошаркар Дејвид Робинсон, Џастин, е нов член на Морнар од Бар, потврди црногорскиот клуб на социјалните мрежи. 

Робинсон Јуниор има 24 години и во Црна Гора доаѓа од престижниот универзитет Дјук, каде ги помина претходните три сезони, но без забележителен учинок.

Неговиот татко, познат по прекарот „Адмирал“, целата своја кариера ја помина во Сан Антонио Спарс, освои две титули, беше МВП на НБА лигата во 1995 година и член на оригиналниот „Дрим-тим“ од Олимписките игри во Барселона во 1992 година.

Покрај златниот медал во Барселона, легендарниот центар има и злато од ЛОИ во Атланта четири години подоцна, Светското првенство во Шпанија во 1986 година, како и бронза од ЛОИ во Сеул во 1988 година.