Пелистер го декласира непоразениот Работнички среде Скопје!

За првпат во историјата Пелистер како самостоен лидер ќе дочека влез од стара во нова година во кошаркарскиот шампионатот, откако на величенствен начин го совлада до денес непоразениот Работнички среде Скопје. Финалните 81-105 (17-35, 19-25, 22-20, 23-26) отсликуваа колку доминантно играа „зелено-белите“, кои сега со шест од шест се осамени на врвот на табелата. 

Битолчани започнаа мотивирано и доминантно под обрачите. Работнички немаше решение за Трајковски и Кесар и предноста брзо стана двоцифрена. Мираковски се обиде со замени да го реши проблемот, но тандемот под обрачите на Марјан Илиевски немилосрдно го полнеше кошот на центарци. Капитенот Бојан Трајковски запиша 12 поени во првите десет минути, покажувајќи колку е расположен и мотивиран.

По високите 17-34 на крајот од првиот дел беше вклучен алармот во тимот на Работнички. Балмазовиќ брзо нанижа неколку поени на почетокот од вториот квартал, но Малешевиќ и Стајиќ го комплетираа перфектниот прв дел и на крајот од втората четвртина пелистерци имаа високи 36-59. 

Питс и Балмазовиќ мотивирано ја почнаа третата четвртина, но битолчани играа поцврсто во одбраната и возвраќаа преку мотивираниот Трајковски. Предноста, стекната во првиот дел, битолчани ја чуваа и надоградуваат, па во последниот квартал се влезе со 58-79.  

Последната четврина беше само формалност. Пелистерци играа моќно во одбрана и целосно го деморализираа противникот, па не попуштаа и кога беше извесно дека бодовите ќе заминат во Битола. По 40 перфектни минути, Пелистер извојува победа од 81-105. 

Најефикасни кај Работнички беше Балмазовиќ со 32 поени, а во тимот на Пелистер се истакнаа Трајковски со 26 и Малешевиќ со 20 поени. Двоцифрени беа и Вилијамс со 16 и Кесар со 12 поени. Оваа победа буди ентузијазам кај пелистерци, а календарот в среда пак ги носи во главниот град, каде ќе одиграат заостанат дуел против ТФТ Скопје.