Симоновски се враќа во АБА: Да не влеземе во ритамот на Мега!

Марко Симоновски, репрезентативецот на Македонија, ја остави повредата зад себе и се врати во дресот на МЗТ Скопје. За одличниот шутер, Мега Бемакс ќе биде прв дуел во АБА-лигата по кам-бекот оваа сезона, а вели дека мора да се биде подобар од претходните дуели ако сака да се слави.

„Знаеме против кого играме. Мега Бемакс е млада и полетна екипа, која игра многу брзо, особено во нападот. Треба да го запреме нивниот контранапад и да не влеземе во нивниот ритам. Нашата шанса е во добра одбрана и во смирен и концентриран напад. Очекувам да одиграме подобро од претходните средби, а крајниот епилог на овој дуел најмногу зависи од нас самите. Очекувам да добиеме енергија од трибините, што и тоа како ќе биде значајно во оваа важна пресметка за нас“, изјави Симоновски.

Бекот се врати меѓу аеродромци на првенствениот натпревар против Блокотехна, кој шампионот неочекувано го загуби во „Јане Сандански“.