Симиќ: Од првиот ден атмосферата е одлична, ме радува ангажираноста на кошаркарите

Maкедонската кошаркарска селекција до 18 години денес замина во Маврово, каде ќе ги продолжи подготовките за претстојните предизвици во Турција. На висинските подготовки момците на Тони Симиќ ќе го одиграат и првиот контролен натпревар, против своите сонародници до 20 години.

„Почнавме на 15 јуни, овие денови бевме редуцирани на тренинзите бидејќи некои од кошаркарите ги вршеа неопходните лекарски прегледи за да видиме каква е физичката и здравствената состојба кај нив. Крај на сезоната е, некои од играчите завршија порано со обврските кон своите клубови, некои неодамна и затоа сакавме да имаме јасна слика пред да одиме за Маврово каде ќе го поминеме најнапорниот дел од подготовките и кој мораме да го одработиме на највисоко можно ниво.

Во однос на репрезентацијата, кошаркарите се заедно само пет дена, и засега се е според посакувањата и плановите. Се тренира максимално, играчите се свесни дека конкуренцијата е голема и даваат се од себе за да се изборат за место во конечниот список. Ме радува нивното залагање, но и тоа што од првиот ден атмосферата е одлична. Дел од кошаркарите се немаа долго време видено затоа што некои играат во странство, а и покрај тоа функционираат фантастично, како да се постојано заедно. Се надевам дека вака и ќе продолжиме и на крајот се ќе биде како што планиравме“, вели селекторот пред заминувањето за Маврово.

Машката кошаркарска репрезентација до 18 години во периодот од 30 јули до 7 август ќе учествува на Европското првенство за јуниори што ќе се одржи во Измир, Турција.