• Мартин Танасковски
Кошаркарската репрезентација на Македонија го одигра вториот натпревар од претквалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година и ја забележа втората победа, совладувајќи ја Ирска со резултат 88-76 на гостински терен.
Овој триумф беше ептен важен за екипата на Марјан Илиевски, а сега следи директен дуел исто така со Луксембург кој е перфектен со две победи на два меча за првото место на табелата. Мечот се игра во февруари во Македонија, а местото на одигрување дополнително ќе биде утврдено.
Дуелот во Даблин почна во знакот на домаќинот, кој имаше добар шутерски старт и се одлепи на 8-0. Нашата криза во нападот не стави во постојана негатива во првиот и во вториот квартал, а во еден момент беше и плус единаесет поени за домашниот тим (31-20). Сепак, тимот на Илиевски најде решение и почна да погодува, па се врати во мечот.
Тргна шутот за три, се погодија неколку тешки шута, па Македонија на две минути до паузата имаше еден поен негатива (36-35). Потоа со нова тројка на Ѓуроски, се поведе и со 37-40 за првпат на мечот, водство кое се задржа и до полувремето (40-42). Следните два периода беа игра на нерви. Немаше изразито водство ниту Ирска ниту Македонија.
Прашањето околу победникот се реши во последните моменти од средбата. Беше резултат 71-71, кога Македонија влезе во серија, па успеа да се одлепи на 74-86. Јакимовски, Стојановски и Мекиќ беа клучот во оваа низа, која со „двојка“ ја најави Вајли. Најдобар кај Македонија беше Андреј Јакимовски со 26 поени, го следеше Џејкоб Вајли со 20 поени и девет скока, Мекиќ додаде 12, а Стојановски 11 поени. Кај Ирска, Самуел Алаџики имаше 26 поени.

