• Саше Љолес
Неверојатни вести ни стигнуваат од Атина. Грчките медиуми објавија голема „бомба“ која ќе предизвика потрес во европската кошарка. Костас Слукас стави потпис на тригодишен договор со Панатинаикос!
Искусниот плејмејкер пред само два дена ја заврши соработката со најголемиот и најлутиот ривал, Олимпијакос, а преминот во ПАО предизвика голема „експлозија“ меѓу навивачите во Атина. Тренерот на „детелинките“, Ергин Атаман имаше голема желба да го види Слукас во својот тим, а играчот не се двоумеше да изврши големо „предавство“ кон навивачите на Олимпијакос.
Во текот на утрото повеќето кошаркарски фанови ја примија оваа информација со неверување и коментираа дека порталите измислуваат вести за поголема читаност, но сепак, како одминуваат часовите, сè повеќе релевантни медиуми ја потврдија веста. Панатинаикос се огласи го официјализираше трансферот.
Ова е од најспектакуларните трансфери меѓу евролигашите во текот на преодниот рок. Костас Слукас најголем дел од својата кариера ја помина во Олимпијакос и за гигантот од Пиреа настапуваше цела деценија.