Силаџи: МЗТ е фаворит, но битолчани заслужуваат шампионска титула!

По деседневната пауза по триумфот во серијата над ТФТ MOZZART, кошаркарите на Пелистер в недела ќе започнат уште една битка во Првата лигата – последната за трофејот во домашниот шамапионат.

Пред првото гостување во Скопје, кај бранителот на титулата, МЗТ Скопје, еден од најдобрите кошаркари на „зелено-белите“ Никола Силаџи изјави дека шампионот не е непобеднив и дека ќе го дадат максимумот во оваа серија за историски успех на битолскиот клуб.

„Имавме долга пауза која ја искористивме за што подобро да се подготвиме за финалните пресметки. Во последниот период трениравме напорно, проблемите со повредите ги ставивме зад нас и спремни сме да влеземе многу фокусирани во оваа серија и да го дадеме максимумот на двата натпревари во Скопје. Посакуваме за Битола да се вратиме барем со една победа, бидејќи оваа публика го заслужува тоа. 

Цела сезона, цели девет месеци тренираме и играме за оваа серија и затоа сега ќе го дадеме максимумот за да ја донесеме титулата во Битола. МЗТ Скопје не е екипа која што не може да се победи, тие се фаворити, но ние ќе дадеме сè од себе за оваа серија да биде возбудлива и да заврши во наша корист“, изјави Силаџи.

Првата финална средба меѓу МЗТ Скопје и Пелистер се игра в недела, во „Јане Сандански“ со почеток од 18:00 часот.