• Саше Љолес
Легендарниот руски кошаркар Алексеј Швед заздравува од тешките повреди што ги доби кога беше брутално нападнат од неколку лица на московските улици. 34-годишниот плејмејкер на ЦСКА Москва беше претепан пред еден ресторан во Москва, па мораше да биде хоспитализиран поради сериозните повреди на главата.
Швед помина десетина дена во болница, а лекарите велат дека неговите повреди не биле воопшто наивни. Кошаркарот во ниту еден момент не бил во животна опасност, но морал да мине низ сериозен процес на детални прегледи, за да се избегнат било какви евентуални компликации. Тој се појави на натпреварот кој неговата ЦСКА Москва го играше против Зенит, а „армејците“ успеаја да се закитат со бронзата во овогодинешното издание на ВТБ-лигата.
Тимот на нашиот тренер Емил Рајковиќ помалку неочекувано го загуби полуфиналето од Локомотив Кубан, но во борбата за третото место ја затвори серијата во своја полза со конечни 4-1. Последниот меч заврши со победа на московјани од 72-69, а Алексеј Швед дојде да им даде поддршка на своите соиграчи. Дел од медиумите во Русија шпекулираа дека можно е Швед да не може никогаш повеќе да игра кошарка, но самиот кошаркар ги демантираше овие наводи.
„Имав тешки повреди, тоа е вистина. Имав контузија на мозокот и хематом на главата, а заработив и две фрактури. Сè уште не слушам добро на левото уво, но докторите ме уверија дека ситуацијата наскоро ќе се подобри. Ништо не може да ме оддалечи од терените, следната сезона се враќам и повторно ќе играм, а сега морам да земам малку подолг одмор“, изјави Швед.
Нападот врз него го извршија три лица, а главен осомничен е 17-годишниот Рамзин Амирасланов кој се загубил многу пари на облог за победа на „армејците“. Тој е син на многу богат бизнисмен, а неговите адвокати се обидуваат на разни начини да ја ублажат казната што го очекува.
Одличниот плејмејкер сезонава беше еден од главните играчи во ростерот на ЦСКА Москва и просечно бележеше над 18 поени во натпреварите од ВТБ-лигата. Алексеј Швед е еден од најуспешните руски кошаркари во историјата и во неговото портфолио се наоѓаат и неколку НБА-клубови како Минесота Тимбервулфс, Хјустон Рокетс, Филаделфија 76'ерс и Њујорк Никс. Во Европа настапуваше за Химки и Динамо Москва, а ова за него е втора етапа во редовите на ЦСКА Москва која сезонава ја предводи Македонецот Емил Рајковиќ.