„Штрковите“ лесно го „прелетаа“ Куманово, нова победа на МЗТ

Кошаркарите на МЗТ Скопје славеа победа на гостувањето во Куманово во рамките од 16. коло од домашното првенство. „Металците“ го добија натпреварот со убедливи 68-88. Кумановчани немаа сили да го изненадат првакот, парираа, но запишаа висок пораз пред своите фанови.

  • Комплетниот натпревар меѓу Куманово и МЗТ Скопје:

Првото полувреме беше навистина интересно и домашниот состав играше одлично. МЗТ Скопје имаше мали проблеми во нападот, но Куманово не успеа да се одлепи многу, иако во два наврата имаше водство од +4 поени. Првата четвртина им припадна на кумановчани со 27-23, додека МЗТ возврати во вториот квартал со три поени разлика и на полувремето Куманово замина со минимална предност (41-40).

Вториот дел започна фуриозно за гостинската екипа која влезе во добра серија и успеа да ја создаде првата двоцифрена предност на мечот. МЗТ Скопје играше на „крилата“ на Киандре Кук, Дамјан Стојановски и центарот Абу, кои доминираа во овој период од натпреварот. Кон нив се придодаде и Бојан Крстевски кој исто така стаса до двоцифрен ефект. Куманово полека како да почна да се предава, МЗТ Скопје стави во полна брзина и продолжуваше само да го полни кошот на домаќините. Кумановчани имаа само еден расположен кошаркар, тоа беше Андрија Марјановиќ кој немаше соодветна поддршка од своите соиграчи, а аеродромци тоа точно знаеја како да го искористат. Третата четвртина им припадна на гостите со резултат 28-17. 

Четвртата делница започна со феноменална серија од 15-0 за МЗТ Скопје, а домашните првите поени ги постигнаа дури на истекот на третата минута. Тимот од Скопје имаше веќе огромна предност од +23 поени и почна полека мечот да го приведува кон рутинска завршница. Куманово се обиде да избегне убедлив пораз, Стефан Глигоријевиќ уфрли неколку поени за домашните, како и Џеферсон кој постигна седум важни поени. Следуваше тајм-аут на гостинскиот тренер Николиќ и потоа МЗТ Скопје само умешно ја одржуваше големата предност до самиот крај на мечот и успеа да слави со убедливи дваесет поени разлика. 

Дури петмина кошаркари беа двоцифрени кај победничката екипа. Најефикасен беше Киандре Кук со 17 поени, го следеше Дамјан Стојановски со 14, неговиот брат Војдан запиша 12, Абу беше творец на 12, а Бојан Крстевски забележа 11 поени зад своето име. Кај домашниот состав на Куманово, прво име убедливо беше Марјановиќ со 21 поен, а двоцифрен беше уште само Глигоријевиќ со 11 уфрлени поени.