Шрудер: Уште кога првпат ме прашаа за амбициите, кажав – злато!

Денис Шрудер беше избран за најкорисен играч на Мундобаскетот, откако се покажа како лидер на Германија и ја одведе до светскиот трон. НБА ѕвездата блесна во финалето со Србија со 28 поени, па иако имаше и некои послаби шутерски партии, доби МВП признание. 

По освоениот трофеј, Шрудер зборуваше за тимската хемија која ги краси Германците, а откри нешто повеќе и за амбициите уште на стартот на турнирот.

„Уживаме во секој момент, тренинг и натпревар. Мислам дека тоа е причината поради која дојдовме до овој успех. Знаеме дека следната година се Олимписките игри. Кога почнав да играм за репрезентацијата, сите го знаеја Новицки, ама не беа свесни за силата на тимот. Сега почнаа да ги препознаваат жртвите кои ги направивме, и во Окинава и тука на Филипините. 

Не знам дали беше во Окинава, имавме состанок и бевме поделени во групи. Добивме шанса сите да си посакаме по нешто, сите рекоа - медал. Ме прашаа мене, а јас на тоа одговорив - злато“, изјави Шрудер.

Овој златен медал е прв во историјата на Германија, која претходно на Светските првенства имаше само една бронза и беше без други медали.