• Саше Љолес

Кошаркарската федерација на Македонија ја информира јавноста дека постигнала договор со „Шпаркасе“ Банка АД Скопје, која станува генерален спонзор на Првата женска македонска лига.
Од новата сезона лигата ќе го носи името „Sparkasse Life Прва лига жени“, што претставува значаен чекор кон поддршка и унапредување на женската кошарка во Македонија.
Од федерацијата велат дека женската кошарка во нашата држава со години се соочува со низа предизвици како недостиг на финансиска поддршка и низок интерес од јавноста. Последниот поголем успех датира од 2012 година, кога нашата репрезентација го освои второто место на Европското првенство за мали земји. Сето ова е значаен показател за потребна поддршка за раст и развој на спортот.
„Драго ни е што денес стоиме зад еден исклучително значаен чекор за македонскиот спорт. Партнерството со КФМ е потврда на нашата долгорочна заложба за еднаквост и инклузивност, вредности што се длабоко вградени во корпоративната култура на Шпаркасе Банка.
Преку платформата Sparkasse Life, вложуваме во разни области во заедницата и подаваме рака и нудиме долгорочна поддршка.
Преку ова спонзорство, сакаме да дадеме ветер в грб на иднината на женскиот спорт и сакаме да пратиме јасна порака - до вас стои партнер што верува, поддржува и создава услови за успех“ – изјави Александар Ѓорѓевиќ, член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка.
Двата субјекта изразија задоволство од соработката, со надеж дека името „Sparkasse Life Прва лига жени“ ќе биде симбол на верба во потенцијалот на секоја девојка, на секој тим и на секоја спортска сала низ државата.