Шпанките за малку не направија од готово–вересија, со еден разлика го совладаа Порторико

Женската кошаркарска репрезентација на Шпанија извојува уште една тешка победа на олимпискиот турнир, откако со еден поен разлика (62-63) ја совлада селекцијата на Порторико, во рамките од второто коло од групата А. Со овој успех „фуријата“ веќе го обезбеди своето учество во четвртфиналето.

Шпанките, кои се мачеа и во првото коло против Кина и на крај славеа по продолжението, моќно го отворија овој дуел. По првата четвртина се изборија за предност од девет поени (9-18), а уште поефикасни беа во вторите десет минути. Но, и Порторико, по лошата воведна четвртина, се консолидира и заигра поквалитетно. Сепак, ниту тоа не беше доволно за намалување на негативата, туку во спротивно, таа се искачи на високи 14 поени на полувреме (25-39).

По паузата Шпанија, наместо рутински да ја одржува високата предност, влезе во голема криза. Постигна само пет поени за десет минути и дозволи противникот да се врати во игра. Во последниот квартал се влезе со егал резултат (44-44), а Порторико имаше водство во поголемиот дел, но во лудата завршница Шпанките се снајдоа подобро и на крај славеа минимална победа од 62-63.

Најдобра кошаркарка на паркетот беше Густафсон од Шпанија со 18 поени, а кај Порторико најпрецизна беше Гуирантес со 14 поени.