Шпанија загуби во инфаркт-завршница, Франција со Јапонија во меч за финале

Женската кошаркарска репрезентација на Франција ја „преживеа“ Шпанија (64-67) и патува во полуфиналето на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) во Токио.

Шпанките имаа предност во самиот финиш на натпреварот, ама ја прокоцкаа. На семафорот во Токио стоеше 62-61 за Шпанија, кога дуелот влезе во „пенал-завршница“. Франција на 11 секунди пред крај ја имаше предноста од три поени, Шпанија се обиде со тројка да дојде до реми и продолженија, ама шутот на Маите Казорла заврши надвор од обрачот.

Марина Јоанес беше прво име кај Французинките со 18 поени, пред Габи Вилијамс со 11 поени, додека кај Шпанија, Асту Ндур реализира 16 поени со уште 11 скока, пред Маите Казорла која уфрли 12 поени.

Франција во полуфиналето на олимпискиот турнир ќе игра со домаќинот Јапонија, додека во второто полуфинале следи мега-пресметка меѓу Соединетите Американски Држави и Србија.