Шпанија во „аут“, Гилџес-Александер и Нимбхард го запечатија триумфот на Канада

Репрезентацијата на Канада оствари тесна, но многу важна победа над Шпанија (88-85) во последното коло од групата А, со што го потврди првото место и обезбеди пласман во четвртфиналето. Пораз за Шпанија значи елиминација од олимпискиот турнир, втора по ред во групната фаза на едно големо натпреварување, откако и на Мундобаскетот минатата година беа елиминирани по пораз од Канаѓаните. 

Шпанците одиграа во егал само во првата четвртина, а потоа постојано беа во негатива, но на самиот крај успеаја да внесат резултатска неизвесност во натпреварот. Канаѓаните уште во првото полувреме ги казнуваа сите грешки на ривалот, во одличен елемент беше ѕвездата на Оклахома, Шеј Гилџес-Александер, а резултатот на паузата гласеше 49-38. 

„Фуријата“ заигра малку подобро во третата делница и прикажа посериозен пристап во дефанзивата, а во последните десет минути влезе со негатива од осум поени (64-56). Завршната четвртина очекувано донесе посилно темпо од Шпанците, посебно со серијата поени на Бризуела. Избраниците на Серџо Скариоло намалија на -7, потоа стигнаа и на само три поени негатива, но Канада не дозволи голем „кам-бек“ и на крајот со тројката на Берет и слободните фрлања на Гилџес-Александер извојува триумф со 88-85. 

Најефикасен во победничкиот состав беше Гилџес-Александер со 20 поени, Ендру Нимбхард додаде уште 18, додека кај Шпанија прво име беше Дарио Бизуела, кој запиша 17 поени.