ВИДЕО: Шпанија го одбрани јуниорското злато со Турција, Србија бронзена во Измир

Кошаркарската репрезентација на Шпанија до 18 години го одбрани европскиот трон, откако во финалето на Европското првенство славеше против домаќинот Турција во Измир со 68-61. „Фуријата“ демонстрира сила во текот на натпреварувањето, па не е чудо што успеа да го повтори успехот од пред три години. 

Домаќинот не успеа да го шокира големиот фаворит, иако солидно парираше во ова финале и на крајот мора да се задоволи со бронза. Најдобар на паркетот за Шпанците беше Рафаел Виљар со 20 поени, а му помогна Алманса со 14 поени и 15 скока, со што го потврди своето МВП признание. Во турскиот табор со 12 поени се истакна Озгур Џенгис, додека по десет уфрлија Бујукчангаз и Конан. 

Во „малото финале“ бронзениот медал ѝ припадна на Србија, со триумф над Словенија од 67-70. По дебаклот од Шпанија во полуфиналето, српските кошаркари пронајдоа утеха во натпреварот за третото место и успеаја да освојат медал од ова Европско првенство. 

До победата против словенечките кошаркари, Србија ја предводеше Ѓорѓе Чурчиќ со 21 поен, додека солиден беше и Лазар Ѓоковиќ со 15 реализации. Во таборот на Словенија се истакнаа Ален Зулиќ со 16 и Јан Земљиќ со 15 поени. 

На ова Европско првенство, во А-дивизијата по долго време настапи и Македонија. Избраниците на Тони Симиќ сепак имаа турнир за заборав, победија само еднаш и завршија на 14. позиција, со што експресно се враќаат во Б-дивизијата за следните турнири.