Шпанецот Алекс Мумбру е нов селектор на актуелниот светски кошаркарски владетел

Шпанскиот кошаркарски тренер, Алекс Мумбру, официјално е нов селектор на селекцијата на актуелниот светски шампион, Германија

45-годишниот Мумбру ќе го замени Гордон Херберт, кој премина во редовите на Баерн Минхен. Новиот селектор изрази големо задоволство од ангажманот и најави напорна работа за остварување на зацртаните цели. 

„Би сакал да се заблагодарам на довербата, навистина е голема чест да предводам една од најдобрите светски селекции. Моја најголема желба е да ѝ помогнам на германската кошарка и да создадеме уште посилен тим кој ќе биде голем залак за сите ривали“, рече Шпанецот на официјалната промоција за медиумите. 

Дебитанскиот меч на клупата на Германија ќе го има на 22 ноември, кога „панцерите“ ќе се соочат со Шведска во рамки на квалификациите за Европското првенство. Мумбру веднаш се соочува со проблеми, затоа што за овој дуел ќе ги нема на располагање Денис Шрудер и Даниел Тајс.