Шпанците најавуваат кошаркарски спектакл, финале на ЕП пред 80.000 гледачи!

Шпанија има големи амбиции да го организира Европското првенство во кошарка во 2029 година. Тие подготвуваат вистински спектакл за ова натпреварување, со тоа што финалето е предвидено да се игра во Мадрид, секако на стадионот на Реал Мадрид.

Тоа значи дека на финалето би можеле да присуствуваат дури 80.000 навивачи, со што би биле урнати сите рекорди за посетеност на кошаркарски натпревари.

Како што дознава веб-страницата „Basketnews“, целиот овој проект Шпанците ќе го претстават во Рига на 22 мај. Исто така, Евробаскетот би бил само дел од многу поширок план, а тоа е Мадрид да се кандидира за Олимписките игри во 2036 и 2040 година.

Овогодинешното издание на Евробаскетот ќе се одржи во четири земји (Летонија, Финска, Полска и Кипар). Последен пат Шпанија беше домаќин на големо натпреварување во 2014 година, кога се одржа Светското првенство.