Шоу за фановите: Белград повторно ќе биде домаќин на три евролигаши

Управата на Макаби и челните лица на Евролигата официјално потврдија дека Белград и следната сезона ќе биде град-домаќин на три учесници во елитното кошаркарско натпреварување (Партизан, Црвена Звезда и Макаби). 

Израелската гордост ќе продолжи да ги игра своите натпревари во салата „Александар Николиќ“, со што љубителите на овој спорт во главниот град на Србија ќе имаат дополнителни возбудувања за следење во живо. Макаби минатата сезона одигра само еден меч на домашен терен, но потоа се „пресели“ во Белград поради војната помеѓу Израел и појасот Газа. 

„Евролигата го одобри нашето алтернативно решение за сала, во која ќе настапуваме како домаќини. Тоа ќе биде салата „Александар Николиќ“ во Белград, во која ќе ги одиграме нашите мечеви, додека Хапоел Ерусалим и Хапоел Тел Авив ќе настапуваат во бугарскиот Самоков“, соппштија од израелскиот гигант. 

Макаби минатата сезона во Евролигата стигна до четвртфиналето, каде „за влакно“ не се пласира на завршниот турнир, откако беше поразен од Панатинаикос со конечни 3-2 во победи.