Шоу на Робев, МЗТ Скопје со сигурна победа започна во АБА2 лигата

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје со победа ја започна новата сезона во АБА 2 лигата, откако во првиот натпревар во „балонот“ во Златибор извојува тесна, но заслужена победа над српскиот тим на Младост Земун (97-90).

Стратегот на аеродромци, Дарко Радуловиќ, за првпат оваа сезона можеше да смета на македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ, како и на Крстевски и Рикиќ, па конечно можеше да го искористи најдоброто од својот ростер. Тоа се почувствува уште во првиот дел против српскиот претставник. МЗТ Скопје го имаше водството уште од првата минута и во ниту еден момент од првиот дел не му дозволи на противникот резултатски да се врати во игра, но не успеа ниту да се одлепи посериозно.

Највисоката позитива ја имаше на самиот старт, кога поведе со 9-0, а потоа неколку пати стигна до +8, за на полувреме да замине со пет поени водство (50-45). Дамјан Робев со 15 поени блескаше во дресот на македонскиот тим во првото полувреме, а солиден беше и капитенот Стојановски со девет поени и три скока.  

Израмнето и борбено се играше и во продолжението. Младост подобро отвори по паузата и за првпат поведе на натпреварот (52-53), но МЗТ Скопје брзо се консолидира и на погонот на Милошевиќ ја врати контролната врз резултатот и во финалните 10 минути влезе со позитива од четири поени (73-69).

Последниот квартал ни донесе многу борба, возбудувања и промени на водствата, а нашиот претставник беше поконцентриран во клучните моменти и со серија поени во самиот финиш се избори за сигурна победа од 97-90.

Робев со 28 поени и Милошевиќ со 20 беа најпрецизни во таборот на МЗТ Скопје, Мекиќ ги запиша првите поени оваа сезона, додека Рикиќ мечот го заврши со 10 поени и девет скока.