Шоу на Лесколт, Работнички по две продолженија ја освои Битола

Во драматични 50 минути во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, Работнички го совлада Пелистер со 110-115 во дербито од 13. коло на Првата лига и значитечно ги искомпликува шансите за Суперлига на битолскиот клуб. 

Младеновиќ одлично ја разигруваше гостинската екипа, а Лесколт беше расположен со шутеви од голема дистанца. Сепак, и Пелистер имаше одговор и Адем Мекиќ со серија на поени не им дозволи на центарци да се одлепат. Така првиот квартал заврши со многу поени и минамална предност на Работнички (26-27).

И во втората четвртина продолжи шутерското шоу од двете страни. Сепак, Мекиќ ја презеде одговорноста и со серија на поени, некои спектакуларни, го одлепи Пелистер на +5. Кога се разигра и Зекири и погоди од транзиција со дополнително слободно фрлање, Мираковски повика тајм-аут во 16. минута при 46-39. Токму расположените Мекиќ и Зекири го завршиот вториот квартал со 54-44 за битолчани. 

Данило Мијатовиќ перфектно ја започна третата четвртина, нанижа седум поени и го принуди Малинков на минута одмор при 55-53 во 24. минута. Гостите влегоа во ритам, Младеновиќ погоди за прво водство по подолго време (56-58). Лесколт и Мијатовиќ го зададоа последниот удар во третата четвртина и пред одлучувачкиот квартал, Работнички дојде до највисоки +6. 

Играта во бранови донесе домашна симултанка. Мекиќ постигна неколку поени во серија, Думиќ и Зекири го комплетираа пресвртот и со серија 20-8, Пелистер поведе на четири минути до крајот (83-81). Следеше драматичен финиш и поени за менување на водството од двете страни. Казарновски погоди тројка за +3 на влезот во последната минута, но брзо возврати Лесколт со реализирани слободни фрлања (92-91). Думиќ погоди од линијата слободни фрлања, но Николовски со тројка го спаси тимот на Мираковски и со тројка донесе продолжение (94-94). 

Следеше нова драма, наименички поени, се до блесокот на Лесколт, кој погоди два напади по ред и донесе 101-103 на половина минута до крајот. Казарновски погоди слободни фрлања на две секунди до крајот и донесе второ продолжение (104-104). Како да им понедостига снага на битолчани и второто продолжение започна со серија 8-0 за Работнички. Лесколт пак беше инспиратор, па сите обиди на пелистерци да се вратата во натпреварот беа залудни. На крајот посреќниот гостин од Скопје извојува триумф од 110-115. 

Најефикасни во домашниот табор беа Зекири со 28, Мекиќ со 25 и Думиќ со 22 поени, а кај гостите од Скопје се истакнаа Лесколт со 43 и Мијатовиќ со 23 поени.