Шортс одговори на критиките со блесок, ПАО се враќа со триумф од Мадрид

Грчкиот Панатинаикос ја забележа втората победа во серија во Евролигата и славеше на гостувањето кај славниот Реал Мадрид со 77-87 во натпреварот од единаесеттото коло. 

Избраниците на Ергин Атаман беа во водство во текот на целиот меч и сосема заслужено ги освоија бодовите на крајот. На паузата атињаните водеа со 52-38, а во второто полувреме само ја доработија задачата, без премногу да стравуваат за конечниот епилог. 

Најдобар поединец кај „детелинките“ беше македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс со 19 поени, четири скокови и шест асистенции, а во редовите на „кралевите“ блесна Еди Таварес со „дабл-дабл“ учинок од 20 поени и 10 скокови. 

Панатинаикос сега има учинок од седум победи и четири порази, додека Реал Мадрид го впиша шетиот неуспех, но има и пет триумфи во елитното натпреварување. 

Екипата на Париз Баскет ја совлада шпанската Валенсија со конечни 90-86, а Макаби славеше над Басконија со резултат 89-83.