• Горан Упале
Лос Анџелес Клиперс официјално потврди дека од тимот си заминува Крис Пол. Кошаркарот објави „стори“ на Инстаграм во кое напиша: „Тукушто дознав дека ме праќаат дома“.
„Се разделуваме со Крис и тој повеќе нема да биде со тимот. Крис е легендарен член на Клиперси. Сакам да разјаснам едно: никој не го обвинува Крис за нашите лоши перформанси“, рече Лоренс Френк, претседателот на кошаркарските операции на Клиперс.
Сè уште не е јасно што доведе до оваа одлука на Клиперси, кои ја започнаа сезоната со разочарувачки скор од 5-16. Пол потпиша едногодишен договор со Клиперси, вреден 3,6 милиони долари, најавувајќи го крајот на својата кариера по завршувањето на сезоната.
Оваа сезона, Пол играше во просек околу 14 минути во кои реализираше по 2,9 поени, 1,8 скока и 3,3 асистенции во 16 натпревари. Во текот на својата 21-годишна кариера, Пол има просек од 16,8 поени, 4,4 скока и 9,2 асистенции во 1.370 натпревари.









