Шок од САД: Хјустон не отпишува разделба со Џејмс Харден!

Харден

Промените се неминовни кога е во прашање екипата на Хјустон Рокетс во пресрет на новата НБА сезона.

Неколку години наназад тимот од Тексас градеше ростер за шампионска титула, но секогаш беше пократок за пласман во големото финале и можност да раизгрува за прстенот. Овогодишниот пораз од Лос Анџелес Лејкерс донесе разделба со првиот тренер Мајк Д'Ентони.

Тука нема да биде крајот, а во Соединетите Американски Држави се зборува за шокантна одлука на управата на „ракетите“. Наводно челниците се подготвени за целосен ремонт, кој ќе го вклучи и најдобриот кошаркар на екипата Џејмс Харден.

Поминаа осум години откако специјалистот за офанзива пристигна во Хјустон. Тој важи за еден од најдобрите стрелци во лигата, но сепак неговото присуство не се чувствува во плеј-офот. Тоа е главната причина да се размислува за ера без Харден во годините кои доаѓаат.

Покрај него на листата за трансфер се Расел Вестбрук, Ерик Гордон и Роберт Кавингтон. Тие не се очекува да бидат дел од идниот проект кој ќе вклучува две ѕвезди и млади таленти.