Единаесет поени за Димитријевиќ во поразот на Милано, шампионот тргна триумфално од Берлин

Екипата на Олимпија Милано не успеа да приреди изненадување и загуби кај Монако во првото коло од Евролигата (93-80). Нашиот Ненад Димитријевиќ го одигра својот дебитантски настап во елитното натпреварување и придонесе со солиден учинок од единаесет поени, шест скокови и пет асистеции за точно дваесет минути на паркетот. 

Монако прикажа сила и голема желба за триумф уште во првите две четвртини, создаде голема разлика и делуваше незапирливо, а на паузата резултатот гласеше 47-26. Италијанскиот тим малку се созема во второто полувреме и успеа да го ублажи силниот удар, но недоволно за било какво изненадување. 

Олимпија ги доби следните два периода во своја полза, а на крајот успеа да извлече само пораз изразен со тринаесет поени (93-80). Најефикасен во победничкиот тим беше Алфа Диало со 20 поени, додека Армони Брукс постигна четири помалку кај Милано. 

Жалгирис одигра солиден меч пред своите гледачи и ја совлада славната Барселона со 74-67.

Најефикасен кај литванскиот гигант беше Силвиан Франциско со 19 поени, а на спротивната страна најдобар поединец беше Николас Лапровитола, кој запиша 17 поени зад своето име. 

Актуелниот европски шампион, Панатиниакос, со победа го стартуваше новото издание во Евролигата и без поголеми проблеми славеше на гостувањето кај Алба Берлин (77-87). 

„Детелинките“ од Атина беа предводени од Кендрик Нан (16 поени), додека Матијас Лесор додаде два поени помалку.