Шенгелија кобен за Зенит, нов пораз за Фенер, АСВЕЛ го изненади Ефес

Екипата на Фенербахче одигра катастрофално второ полувреме против Алба Берлин и го доживеа вториот пораз (84-70) во новата сезона од кошаркарската Евролига.

Избраниците на Ѓорѓевиќ се чинеше дека ја имаат играта под контрола, затоа што пред крајот на првиот дел водеа со десет поени разлика (25-35). Меѓутоа, во второто полувреме примија неверојатни 57 поени, одбраната беше катастрофална и се доживеа нов неуспех по оној против ПАО во претходното коло.

  • Алба Берлин - Фенербахче 84-70:

Прво име кај Алба беше Да Силва со 22 поени, пред Ло со 21 поен, додека кај турскиот првак најистакнат беше Нандо де Коло со 15 поени.

Пресметка меѓу Уникс Казањ и Баерн Минхен заврши со победа на домашните (73-70). Енигма за гостинот од Германија беа Американците Канан и Браун, кои заедно комбинираа 38 поени (21+17). Кај Баерн, Хилиард постигна 17, пред Волден со 16 поени.

Рускиот дерби-дуел меѓу ЦСКА Москва и Зенит замина на контото на „армејците“ (77-67). Одличен беше Торнике Шенгелија со 33 поени, пред Клибурн со 16 поени, а кај Зенит, Лојд имаше 19 поени. Во драмата во „Буеса Арена“, Басконија го совлада Панатинаикос со 81-79.

  • Басконија - Панатинаикос 81-79: 

АСВЕЛ на домашен терен го изненади актуелниот владетел Анадолу Ефес (75-73). Залудни беа 24 поени на Василије Мициќ кај поразениот тим, додека кај победникот Џонс запиша 16 поени.