• Саше Љолес
Шарунас Јасикевичиус официјално е избран за тренер на сезоната 2024/25 во Евролигата. Стратегот на клупата на Фенербахче го доби трофејот „Александар Гомељски“ и стана прв Литванец кој се закитил со ова важно признание.
За ова признание гласаа сите тренери кои работат во елитното натпреварување, а се чини дека Јасикевичиус сосема заслужено доби најголем број гласови поради одличните резултати што ги постигна сезонава.
И покрај огромниот број на повредени играчи, Литванецот го предводеше турскиот гигант до второто место во регуларниот дел, со учинок од 23 победи и само 11 порази. Уште еден историски момент е дека Јасикевичиус е единствениот човек кој ја освоил Евролигата како играч и се закитил со трофејот за најдобар тренер во натпреварувањето.
Како активен кошаркар дури четири пати се искачи на европскиот трон. Најпрво триумфираше со Барселона во 2003 година, потоа двапати со Макаби во 2004 и 2005 година, а последната титула ја освои четири години подоцна кога беше играч на Панатинаикос.









