• Иван Димовски

Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс го загубија гостинскиот натпревар кај Минесота Тимберволвс со 119-114. Средбата во „Таргет Центар“ понуди голема драма до самиот крај, во која домаќините се радуваа по продолжение.
- Минесота Тимберволвс - Голден Стејт Вориорс:
Се играше израмнето од самиот старт, екипите се менуваа во водство и ниту една не успеваше да се одлепи. Со подобра игра во завршницата на првиот дел, Голден Стејт поведе и двоцифрено и на одмор замина со 62-71. Со слично темпо продолжи и вториот дел, шампионот имаше резултатска контрола до почетокот на последниот период, кој беше крајно изедначен. Откако успеаја да се вратат во натпреварот, кошаркарите на Минесота изборија продолжение, во кое беа подобри и на крајот славеа.
Стеф Кари заврши како најдобар поентер со „дабл-дабл“ ефект од 29 поени и десет скока, а исто толку поени уфрли и Деанџело Расел. Одлична партија имаше и Едвардс со 27 поени, додека двоен ефект имаше и Рид (24 поени, 13 скока).
На останатите терени, домашни победи запишаа Бостон против Бруклин (139-96), Филаделфија со Орландо (105-94), Хјустон против Оклахома (112-106) и Јута против Торонто (131-128). На гостувања до славје ноќва дојдоа Портланд во Мемфис (112-122), Сакраменто кај Сан Антонио (109-119) и Атланта во Феникс (100-132).