Шампионот не дозволи драма во репризата на ланското финале

Актуелниот шампион на Евролигата, Фенербахче, продолжува со импресивната форма во елитното европско кошаркарско натпреварување. Турскиот гигант на домашен терен во Истанбул славеше убедлива победа над Монако со резултат 88-70 во рамките на 30. коло од Евролига.

Овој натпревар имаше дополнителна тежина бидејќи стануваше збор за реприза на минатогодишното финале на најсилното европско клупско натпреварување. Сепак, на теренот доминираше бранителот на титулата, кој со сигурна и контролирана игра уште еднаш покажа зошто се наоѓа на врвот на табелата.

Тајлен Хортон-Такер мечот го заврши со 28 поени, осум скока и три асистенции, потврдувајќи ја својата лидерска улога во тимот. Значаен придонес даде и Колсон со 14 поени, додека двоцифрен учинок имаа и Тарик Биберовиќ, Вејд Болдвин и Микаел Јантунен.

Во редовите на Монако најрасположен беше лидерот на тимот Мајк Џејмс, кој забележа 14 поени, осум асистенции и седум скока. Џордан Блосомгејм додаде 12 поени, Даниел Тајс постигна 11, додека Недовиќ натпреварот го заврши со осум поени.

Со оваа победа Фенербахче ја продолжи извонредната серија од девет последователни триумфи во Евролигата и се зацврсти на првото место на табелата со скор од 22 победи и девет порази, при што турскиот клуб има и еден натпревар помалку. Ваквата позиција речиси сигурно ќе му обезбеди предност на домашен терен во плејоф фазата.

За разлика од нив, Монако се соочува со сериозна резултатска криза. Тимот предводен од тренерот Василис Спанулис го забележа седмиот пораз на последните осум натпревари во Евролигата и моментално има биланс од 16 победи и 14 порази. Со оглед на формата, францускиот тим до крајот на регуларниот дел ќе води тешка борба за место во плеј-ин зоната, додека директниот пласман во плејофот изгледа сè подалечен.

Во следното коло од Евролигата, Фенербахче ќе гостува кај Црвена Звезда, тим кој успеа да го совлада на почетокот од сезоната. Во меѓувреме, Монако ќе се обиде да ја прекине негативната серија на домашен терен против грчкиот гигант Олимпијакос.