ВИДЕО: Шампионот го преживеа Њујорк, Јокиќ одличен во триумфот кај Шарлот

Dejvis

Трент Хортон Такер постигна клучна тројка со која Лос Анџелес Лејкерс славеше во неизвесниот меч против Њујорк Никс (101-99). Продолжението го даде името на победникот, а шампионот остана во игра за директно место во плеј-офот, и покрај тоа што повторно играше без Леброн Џејмс.

Голден Стејт исто така продолжи да реди победи и го изненади Феникс Санс на домашен терен (122-116). Улогата лидер на овој меч ја презеде Вигинс кој заврши со 38 поени. Стеф Кари имаше тивка ноќ и постигна само 21 поен, со што ја прекина фантастичната серија натпревари со повеќе од 30 поени.

Гостинско славје запиша Денвер кај Шарлот (112-117), благодарение на одличниот Никола Јокиќ. Српскиот центар запиша 30 поени и 11 скока и не дозволи нов кикс на неговата екипа, која се бори за третата позиција на Западот. 

Главниот конкурент на Нагетси, Лос Анџелес Клиперс, исто така немаше проблеми против Торонто (96-115). Очекувана победа запиша Милвоки против Орландо, а Мајами одново беше подобар од Бостон, во дербито на Источната конференција.

Чекор назад во борбата за плеј-оф место направи Далас кој загуби кај Мемфис (133-104). Лука Дончиќ имаше ноќ за заборав и тоа значително придонесе во поразот на неговиот тим.

Бруклин беше сигурен кај Чикаго, Сакраменто ја победи Оклахома Сити, Минесота славеше во Детроит, а Индијана ја изненади Филаделфија.