Шампионот Баскет кам 2011 последен полуфиналист во женскиот плеј-оф

Екипата која го брани шампионскиот трофеј – Баскет кам 2011 е последниот учесник во полуфиналната серија на плеј-офот.

Во вториот натпревар од четвртфиналната серија, екипата од Македонска Каменица беше убедлива на гостувањето во Делчево каде го порази новиот член на Првата А лига, Патриот 2016, со 96-55. Така со максимални 2-0 ја затвори оваа серија, и се пријави во првата „четворка“, онаа која ќе разигрува за финалето.

Димова беше прво поентерско име на мечот во Делчево, реализираше 35 поени за победничката екипа. Зубац ја следеше со 23 поени, додека Кметовска постигна 14 поени. Во домашниот состав, Рашова постигна 17, а Ангеловска додаде 15 поени.

Противник на патот во одбрана на титулата ќе им биде екипата на Kрива Паланка, која исто така во само два натпревари го елиминира МЗТ Скопје Аеродром. Претходно, втората полуфинална двојка пак ја формираа екипите на Вардар и на Куманово-Гризли.