Шампионките го обезбедија врвот пред плеј-офот, Вардар веднаш зад нив

Екипата на Баскет Кам 2011 ќе тргне од првата стартна позиција во плеј-офот во кој ќе ја брани титулата освоена минатата година. Екипата од Македонска Каменица на свој терен беше повеќе од убедива во дуелот со кавадаречки пробаскет. Славеше со убедливи 84-44, и на коло пред крајот на втората фаза, го осигура првото место на табелата.

А кошаркарките на Вардар продолжија со добрите игри и резултати во овој втор дел од сезоната наречен „Оролоџо“. Славеа уште еден триумф, повторно во неизвесна завршница. Овојпат против екипата на Куманово-Гризли, со минимални (63-61), со кои го потврдија второто место на табелата, и му се приближија на бранителот на титулата, екипата на Баскет Кам 2011.

До новиот триумф ги предводеше Матие, која постигна 20 поени, која доби поентерска поддршка од бековскиот двоец Тасевска (15) и Наков (14 поени). Во гостинската екипа, 20 поени постигна Алексиќ, 16 имаше Камп, 13 дојдоа од Муса, додека со 12 поени оваа дерби средба ја заврши Џонсон.

Поразот на кумановки не го искористија кошаркарките на МЗТ Скопје кои на домашен терен беа совладани од Крива Паланка со резултат (68-60). А до десеттиот триумф во сезоната екипата од Крива Паланка ја предводеше Алексовска, која постигна 21 поен, следена од американскиот двоец Хоукинс (18 поени) и Мазик, која заврши со 16 реализации на ова гостување.

Очекувано, победа на гостински терен запишаа и кошаркарките на Бадел 1862, и тоа на гостувањето во Струга, каде делуваа убедливо против младиот домашен состав, и победија со (94-37). Томпсон со 22, и Техеда со 21 поен ги предводеа „баделки“ кон триумфот во кој Чолакоска додаде 14, а Малиновска допиша уште 13 поени. На другата страна, Модева запиша уште еден „дабл-дабл“ скор, изразен со реализација на 21.поен и 16 скока, а 11 поени во струшкиот тим додаде Хиса.