„Сфативме дека не можеме да играме така опуштени, се собравме и го освоивме првенството“

Баскет КАМ е новиот шампион во Првата кошаркарска лига жени. Тимот од Македонска Каменица одличната сезона ја круниса со двојна круна, откако по освоениот Куп, денес стигна до посакуваната трета победа во финалната серија со Бадел 1862 и за првпат во својата историја е шампион на Македонија.

Архитектот на овој успех на Баскет Кам, Александар Ашаданов по мечот не го криеше задоволството и посака тимот и следната сезона тимот да продолжи со одличните игри и резултати.

„Да не должам многу, чест и задоволство е да бидеш дел од финалето на Првата лига жени. За мене претставува огромно задоволство и се надевам дека и следна сезона ќе бидеме со олку високи амбиции и дека ќе продолжиме со успесите“, накратко изјави Александар Ашаданов.

Најдобрата кошаркарка на Баскет КАМ, Анџелика Митрашиновиќ, смета дека титулата заслужено заврши во нивните раце. 

„Можам да кажам дека очекувавме да го освоиме првенството. Можеби малку се опуштивме на првиот натпревар што го игравме во плеј-офот, со оглед на тоа дека во Купот во финалето ни беше многу лесно. Сфативме дека не можеме да играме така опуштени, се собравме сите заедно како тим и го освоивме шампионатот. Победивме три натпревари во низа, мислам дека со тоа докажавме дека заслужуваме да ја освоиме титулата. Мислам дека со доаѓање на странски играчи, а и репрезентативки лигата се крена на едно повисоко ниво. Драго ми е што се случува тоа во Македонија. Без разлика што ние победивме со 3-1, сметам дека натпреварите беа исклучително интересни за гледање“, рече Митрашиновиќ. 

Токму Митрашиновиќ беше избрана за најкориска кошаркарка на финалната серија, која заврши со победа Баскет КАМ од 3-1.