Сезона од соништата: Димитријевиќ е МВП на регуларниот дел во ВТБ лигата!

Македонскиот репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, официјално е прогласен за МВП на регуларниот дел во овогодинешното издание на ВТБ лигата. 

Плејмејкерот на Уникс Казан го добива најпрестижното индивидуално признание и уште еднаш докажа дека игра во неверојатна форма оваа сезона. Нашиот Нено е вистински предводник на својот тим кој води со 2-0 во четвртфиналната серија против Самара, а сезонава просечно бележеше по 19 поени, 6,6 асистенции и 3,6 скока, како и 1,3 украдени топки по натпревар. Просечниот скор на индекс-поени изнесува 23,9, што го прави убедливо најкорисен играч во силната ВТБ лига. 

„Навистина сум среќен поради ова признание. Оваа сезона одигравме многу важни и неверојатни мечеви, а воедно бевме први во регуларниот дел. Наградата ми годи, но резултатите ги оствари целиот тим“, изјави Димитријевиќ. 

Сезонава Димитријевиќ забележа и неколку рекорди, а највпечатлив беше кога постигна дури 40 поени и девет асистенции против гигантот ЦСКА Москва. Уникс Казан за првпат во историјата беше првопласиран по истекот на регуларниот дел, а токму нашиот репрезентативец беше најважниот и најкорисниот играч во тимот.