• Зоран Мишевски
Турскиот репрезентативец Сертач Санли по две години ќе ја напушти Барселона. Договорот на 32-годишниот кошаркар истекуваше на крајот од сезоната, но по неговите одлични партии на крајот од шпанскиот плеј-оф, се очекуваше Каталонците да се обидат да го задржат. Вакви обиди имаше и во изминатите неколку недели.
Шпанскиот весник „АС“ пишува дека клубот му побарал извесно време, да почека да го види составот на новиот тим, пред да се реши за евентуален трансфер во друга средина.
„Иако неофицијално, имаше разговори со него да се испита можноста за продолжување на договорот, но со намалување на платата. Во контекст на намалување на буџетот, намерата на Барса беше да се ослободи од тројца играчи на кои веќе им истекоа договорите (Санли, Курич и Тоби) или да остане еден од нив, но со помали примања. Тоа беше случај со Санли, кој по дискретната прва година, беше подобар во втората. Особено блесна во плеј-офот, каде што беше клучен играч. Сепак, неговиот придонес не беше доволен за освојување на Евролигата“, пишува „АС“.
Весникот ја пренесува и информацијата дека Санли е на праг да потпише за Фенербахче и дека доколку ништо не се промени во следните неколку часа, Санли ќе стане нов кошаркар на турскиот вицешампион. Пред да дојде во Барселона, Санли помина три години во најголемиот ривал на Фенер, Анадолу Ефес, а ја освои титулата европски првак во 2021 година.