• Горан Упале
Поранешниот НБА кошаркар Кваме Браун, првиот пик на драфтот во 2001 година, изнесе жестоки критики на сметка на Леброн Џејмс, тврдејќи дека влијанието на екс-ѕвездата на ЛА Лејкерс создава токсична атмосфера и негативно влијае врз неговите соиграчи.
Во емисијата „The Basketball Show“, Браун, кој од 2005 до 2008 година беше дел од Лејкерс, но никогаш не играше заедно со Леброн, порача:
„Мислев дека Леброн е само кошаркар, но потоа сфатив дека е дел од поголема машина. Леброн е машина. Тој е маркетиншка машина, а не личност.“
Браун потоа посочи неколку играчи за кои смета дека биле погодени од влијанието на Леброн.
„Погледнете ги кариерите кои ги уништи. Расел Вестбрук, потоа Далтон Кнехт, кој поради Брони Џејмс не доби можност да се развива. Тука е и Ендру Вигинс, кој беше прв пик на драфтот. Знам точно како се чувствува.“
Браун, сепак, не застана тука, туку го критикуваше и начинот на кој, според него, Леброн го гради сопствениот имиџ преку историски моменти со својот син Брони.
„Може да каже: ‘Јас сум дел од единствениот татко и син кои играле заедно, единствениот татко и син кои биле во плејофот, а сега ќе бидеме и единствените кои ќе играат еден против друг’“, додаде Браун.
Инаку, Браун во својата 12-годишна НБА кариера просечно постигнуваше 6,6 поени и 5,5 скока по натпревар. За разлика од него, Леброн е најдобар стрелец во историјата на регуларниот дел од НБА и плејофот, има четири шампионски титули и четири МВП признанија.






