Сензационален трансфер во најава: Брендон Џенингс ќе игра во Хрватска!?

Џенингс

Изненадувачки трансфер би можел да се реализира ова лето, пренесуваат хрватските медиуми. Поранешната НБА ѕвезда Брендон Џенингс остварил контакт со екипата на Цедевита, која преговара да го доведе во својот ростер.

30-годишниот плејмејкер стави крај на играчката кариера во 2018 година, играјќи за Зенит од Санкт Петесбург. Претходно беше дел од Милвоки Бакс, каде редовно имаше просек од над 15 поени.

Тешката повреда на Ахиловата тетива го натера да паузира шест месеци, а потоа не му дозволи да ја врати старата препознатлива форма. Крајот на неговата кошаркарска кариера се случи во Русија, каде го раскина договорот со својот тим по само три месеци.

Подоцна јавно откри дека си заминал од рускиот гигант бидејќи не сакал да игра во екипа каде таткото е тренер, а синот е на паркетот.

Доколку се одлучи за хрватскиот прволигаш, тогаш ќе стане еден од најпознатите кошаркари кој ќе заигра во регионалната АБА лига.