• Мартин Танасковски
Кошаркарите на Сан Антонио приредија вистинска сензација во досегашниот тек од сезоната, откако во Лас Вегас ја совладаа моќната Оклахома и ја прекинаа нивната импресивна серија од 16 последователни победи. Ова беше само втор пораз за актуелниот НБА-шампион сезонава, но и триумф со огромна тежина за Спарс, кој им обезбеди пласман во финалето на НБА купот. Таму, тимот од Тексас ќе се бори за трофејот против Њујорк Никс.
Натпреварот заврши со минимална разлика од 111-109, иако почетните минути не навестуваа ваков драматичен расплет. Клучниот пресврт се случи во третата четвртина, кога Сан Антонио за првпат го презеде водството. Во завршницата следеше вистински трилер со чести промени на резултатот, но Спарс покажаа повеќе смиреност во решавачките моменти, што на крајот се покажа како пресудно.
Најефикасен во победничкиот состав беше Девин Васел со 23 поени, додека голем придонес дадоа и Виктор Вембањама, Стефон Кесл и Ди’Арон Фокс, кои средбата ја завршија со по 22 поени. Кај Оклахома, товарот повторно падна врз актуелниот МВП на лигата, Шеј Гилџес-Александер, кој постигна 29 поени, а поддршка имаше од Џејлен Вилијамс и Чет Холмгрен, кои додадоа по 17.
Во второто полуфинале, кое воедно беше и финале на Источната конференција во рамки на НБА купот, Њујорк без поголеми проблеми го надигра Орландо со 132-120. Борбата за трофејот во НБА купот меѓу Њујорк Никс и Сан Антонио Спарс е закажана за ноќта меѓу вторник и среда, со почеток во 2:30 часот по средноевропско време.








