Сензација во Чаир, крај на победничката серија на Пелистер

Екипата на Чаир 2030 направи изненадување и на домашен терен го совлада Пелистер (88-77) во последниот натпревар од 17. коло на македонскиот кошаркарски шампионат.

  • Комплетниот натпревар меѓу Чаир 2030 и Пелистер:

„Зелените“ беа во победничка низа од пет натпревари и не знаеја за пораз, но во салата „Шабан Трстена“ го положија оружјето. Тимот на Марјан Илиевски имаше проблеми со ротацијата, немаше поддршка од клупата, а играше само првата петорка, додека Чаир имаше нешто повеќе.

Првиот квартал беше изедначен, гостинот од Битола имаше минимална предност (19-21), а потоа домаќинот почна да игра во силен ритам. Посебно мотивиран беше поранешниот пелистерец Недим Мустафица кој беше алфа и омега кај Чаир, а поддршка му беа Александровски и Мохамед.

На полувремето чаирчани имаа 42-39, а патот кон победата си го трасираа во третиот период кога се одлепија на 56-46, а потоа и на 65-49 со тројка на Роби. Во последниот период, домашниот тим ја имаше и највисоката предност.

Мустафица кај Чаир заврши со 28 поени и 15 скока, пред Мохамед со 22 поени и десет скока, додека Александровски постигна 18 поени. Кај Пелистер, Карутерс заврши со 26, пред Стајиќ со 16 поени, а Карпентер даде 13 поени.