СЕНЗАЦИЈА: Првакот МЗТ Скопје падна по продолженија во Чаир!

Чаир 2030 и МЗТ Скопје играа 45 минути за да се добие победникот во првиот натпревар од петтото коло на шампионатот на Македонија. Дуелот во салата „Шабан Трстена“ во Чаир изненадувачки им припадна на домаќините со 95-94 (23-24, 21-16, 17-18, 21-24, 13-12). Ова е втор пораз на МЗТ Скопје во пет натпревари, по овој пред три недели во Битола. Ова е прва победа на Чаир 2030 во клупската историја во официјален натпревар против МЗТ Скопје Аеродром.

  • Комплетниот натпревар меѓу Чаир 2030 и МЗТ Скопје: 

Двете екипи почнаа во грч и со многу грешки. Така во резултатска клацкалица првата четвртина мина во менување на предноста на двете екипи. Кели прв ја надмина двоцифрената граница и му овозможи на Чаир 2030 да замине на одмор меѓу првите две четвртини со заостанување од само еден поен (23-24).

Вториот квартал го одбележа Брендој Слај. Црномурестиот кошаркар на МЗТ Скопје нанижа 14 поени за неполни две четвртини и шампионот замина на +5. Сепак, Американците Ролинс и Кели возвратија и за само неколку минути Чаир 2030 ја врати предноста и со +4 замина на одмор. 

Чаирчани мотивирано продолжија и во третата четвртина и ја одржуваа минималната предност. Деон Едвин единствен им парираше на расположените Американци кај Чаир 2030 и со таква инерција натпреварот влезе во неизвесен финиш. Бојан Крстевски погоди тројка за 77-80 во последната минута, но брзо возврати Ролинс и МЗТ Скопје имаше +1 и напад на 25 секунди до крајот. Слај беше фаулиран и погоди двапати од линијата за слободни фрлања за +3 и последен напад за домаќините. Чаир намали на 81-82 со двете слободни фрлања на Мофит,  но металците ја загубија топката и на две секунди до крајот Баковиќ го фаулираше Какруки. Во рацете на младиот репрезентативец беше победата на Чаир 2030 над шампионот, но тој погоди едно слободно фрлање и натпреварот влезе во продолжение.

Со тројките на Крстевски и Маслинко, МЗТ Скопје диктираше предност од 2-3 поени во екстра-времето. Сепак, две добри одбрани и добро изведувани слободни фрлања на Едвин и Мофин донесоа предност за Чаир на влезот во последната минута од продолжението (93-92). Следеа две погодени слободни фрлања на Слај за +1 за аеродромци и уште еден напад за Чаир 2030. Со соло акција Мофит погоди за 95-94 и останаа само 11 секунди за гостите. Слај промаши од тешка позиција и започна славјето на чаирчани. 

Најефикасни кај МЗТ Скопје беа Крстевски со 21 и Слај со 18 поени, додека во таборот на Чаир 2030 се истакнаа Мофит со 31 и Кели со 24 поени.