• Мартин Танасковски
Кошаркарската репрезентација на Соединетите Американски Држави важеше за главен фаворит за титулата на Светското првенство (СП), но по партијата со Литванија, во која европската селекција демонстрира сила (104-110), сигурно е дека мислењето кај јавноста ќе се промени.
Литванците одиграа неверојатен натпревар на Мундобаскетот и им одржаа лекција на НБА-ѕвездите од САД. Можеби цел тим на Американците е во најдобрата лига на светот, меѓутоа Литванија доминираше во секој сегмент на теренот и заслужено победи.
Фантастичен шут за три - 9/9 - имаше Литванија во првото полувреме во кое имаше неверојатна предност од 33-54 против САД. Не се памети некој друг тим на Светските првенства да водел со толкава разлика против секогаш првиот фаворит. Потоа, Едвардс се разигра кај САД, тимот дојде на „минус четири“ (65-69), беше и 85-89, ама Литванците со серија од 0-8 пак ја вратија високата позитива. САД се обидуваше да се врати со тројки на Бриџис и Едвардс, приреди драматичен финиш, но не можеше до комплетен пресврт.
Каринаускас со 15 поени беше најдобар кај Литванија, пред Кусминискас со 14 поени, додека Валанчунас заврши со 12 поени, пред Браздеикис, Димса и Седекерскис со по 11 поени. Кај САД одличен беше Едвардс со 35 поени, а Бриџис и Брансон додадоа по 14 поени.
Поради овој резултат, репрезентацијата на САД ќе игра со Италија во четвртфиналето, додека селекцијата на Литванија ќе се соочи со Србија.