• Саше Љолес

Семафорот проработе, условите беа исполнети, па така кошаркарите на Куманово конечно се сретнаа со Пелистер во 14. коло од Првата македонска лига. Иако не беа фаворити момците на Марин Докузовски славеа победа со 86-72 и се реваншираа за поразот во октомври во Битола. Ова е втор пораз по ред за екипата на Александар Петровиќ, по неуспехот пред осум дена против МЗТ Скопје.
- Комплетниот натпревар помеѓу Куманово и Пелистер:
Домаќинот подобро отвори и ја доби првата делница со двоцифрена разлика, но потоа следуваше експлозија на Пелистер, кој ја заокружи втората четвртина со огромни 31-11 и на паузата имаше предност од десет поени (38-48).
Кумановчани возвратија со слична мера во третиот период, гостите постигнаа само седум поени, па така влегоа со позитива во последните десет минути. Домаќинот водеше со +5 на средината од завршната делница, а потоа стигна и до +9, (72-61), за на крајот да слави со високи 86-72.
Најефикасен играч кај победниците беше одличниот Александар Радукиќ со 31 поен и 12 скока, додека кај Пелистер најрасположени беа Мишковиќ со 22 и Бојиќ со 21 поен. Кумановчани стигнаа до деветтата победа во првенството и имаат ист учинок како денешниот ривал.