Селекторот Тодоров и следната сезона ќе ја предводи романска Крајова

Селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Александар Тодоров ќе остане во Романија и следната сезона ќе ја предводи екипата на Крајова. 

Тодоров веќе две години го води романскиот прволигаш, а за веб страницата на Македонската кошаркарска федерација, нагласи дека договорот со Крајова бил лесен. Освен за клупските обврски, тој најави враќање во Скопје за нов собир на репрезентацијата во јули.

„Немаше причини поради кои соработката со Крајова не требаше да биде продолжена. Факт е дека се наоѓаме во едно вакво невреме кое со себе го донесе пандемијата на коронавирусот и во кое навистина многу работи остануваат нејасни. Но, моите обврски кон Крајова се реализирани максимално професионално. Овој играчки кажано, мртов периодго искористивме за индивидуална надградба на играчите кои се во клубот. Ќе работиме уште еден извесен период. И веќе на 15 јули, ако се биде во ред, и како што очекувам, ќе се вратам во Скопје, каде ќе се префрлам на оние репрезентативни активности, секако под услов да имаме некои здравствено гледано, нормални услови за функционирање“, изјави селекторот. 

Актуелниот прв човек на сениорите, Александар Тодоров се обврза на нова верност и ова ќе му биде трета сезона во Романија. Освен интернационалното искуство, стратегот работеше и во МЗТ Скопје, Алумина, Вардар, Куманово, Карпош Соколи.