Селекторот откри: Димитријевиќ не е обврзан да дојде и не сака да помогне!

Селекторот на македонската репрезентација, Драган Бајиќ зборуваше на средбата со новинарите по натпреварот против Украина. Откако Македонија шест пати загуби во квалификациите, ги заврши настапите на патот кон Мундобаскетот, а предводникот на тимот зборуваше на многу теми. 

<<< - ПОВРЗАНО - Бајиќ: Ниту еднаш немав комплетен ростер, ама горд сум на моите играчи

Бајиќ се осврна на отсуствата, доби прашање за Ненад Димитријевиќ и директно кажа дека плејмејкерот на Валенсија не сака да одговори на повикот, бидејќи не е приморан на тоа. 

„Димитријевиќ ќе игра во Евролигата и не сака да дојде да ни помогне. Тој е ослободен од обврските кон ФИБА и не сака да одговори на повикот. Јас сметам на него, меѓутоа и во август можеби нема да дојде бидејќи има подготовки со евролигаш“, нагласи селекторот.

Правилата на Евролигата се косат со тие на ФИБА, меѓутоа постои договор кој ги ослободува играчите на клубовите од елитата од репрезентативните собири. Сепак, дел од евролигашките кошаркари одговараат на повиците на селекторите во слободните периоди, па некогаш дури и среде сезона.

Димитријевиќ одговараше на дел од повиците на Бајиќ, заигра за Македонија и се покажа во одлично светло во февруарскиот репрезентативен прозорец против Грузија, меѓутоа сега повторно не беше дел од тимот.