Секоја чест за „Гробари“ – на оригинален начин се простија од Милојевиќ

Навивачката група „Гробари“ и останатите кошаркарски фанови на Партизан решија на оригинален начин да се простат од Дејан Милојевиќ и таа сцена од белградската арена пред натпреварот против Мега во АБА лигата, сигурно ќе го обиколи светот.

Партизан донесе одлука со бесплатен влез да ги почести своите навивачи на натпреварот од АБА лигата, а интересно е што салата беше полна час и половина пред почетокот на натпреварот.

Почетокот го одбележаа емотивни и потресни сцени поради почитта кон Дејан Милојевиќ, легендата на белградскиот клуб кој прерано почина.

„Гробари“ подигнаа транспарент со ликот на Милојевиќ, запалија неколку факели во негова чест, додека околу 20.000 луѓе аплаудираа. На едно од столовите беше ставен дресот на Милојевиќ од времето кога настапуваше за Партизан, а на големото платно беше прикажано и проштално видео.